5 рецепти за овесна каша- здрав појадок за секој ден

Кога размислувавме како да ја започнеме категоријата со рецепти, не ни требаше многу време за едногласно да одлучиме дека прво ќе ги споделиме нашите омилени рецепти за подготвување на овесна каша. Според нас, не постои подобар начин да го започнете денот, а ова може да го потврдиме и со неколку научно докажани факти.

Што го прави овесот- супер храна?

Нутритивниот состав на овесот е она што го вбројува во групата на најздрави житарки а со тоа и една од најкомплетните намирници што по многу прифатлива цена може да се најде кај нас на пазарот.

Значајно е да се напомене дека оваа житарка се користи како полнозрнеста. Без разлика дали ќе ја подготвите како цело зрно или овесни снегулки, ги внесувате сите хранливи компоненти.

Па што всушност внесувате преку овесот значајно за вашето здравје?

Овесот има одлично балансиран хранлив состав, што значи содржи растителни влакна, вклучувајќи го бета-глуканот кој има огромно дејство во зголемувањето на чувството на ситост а намалување на нивото на глукоза и холестерол во крвта а се ова го прави особено значаен при процесот на слабеење.

Покрај растителните влакна, составот на овесот изобилува со протеини, масти и витамини.

Како да ја внесете оваа моќна намирница во вашите оброци?

Иако постојат илјадници начини на кои може да експериментирате со овесот, ние овој пат издвоивме 5 рецепти за подготовка на овесна каша- која за нас како и за многумина претставува највкусниот, здрав оброк со кој го започнуваме секој ден.

Сите рецепти одземаат не повеќе од 5 минути за подготвка, па овде изговорот “немам време” не се прифаќа 😃

Може да си ја подготвувате и навечер па тие 5 минути што ќе ви останат во утрото да ги искористите за медитација 😉

Нашите 5 фаворити за овесна каша (по случаен редослед)

Овесна каша со свежо овошје

Станува за збор за веќе споменатиот начин на подготовка- ден претходно или попозната како overnight oatmeal.

Па што ви е потребно и како да ја подготвите?

  • 30 грама (⅓ cup) овесни снегулки
  • 3 големи лажици млеко (препорачливо е да е растително)
  • 3 големи лажици грчки јогурт
  • 1 мала лажичка мед
  • ½ cup свежо овошје (сезонско)
  • 2 големи лажици печени јатки (ореви, лешници, бадеми) 

    Подготовката е многу едноставна, во стаклена тегличка или сад ги додавате овесните снегулки, млекото, грчкиот јогурт и медот и убаво промешувате. Откако убаво ќе се соединат овие состојки, додадете го свежото овошје кое го преферирате, одберете од некое сезонско а се разбира и замрзнато овошје е опција. На крај декорирајте со печените јатки, и ставете во фрижидер.

           Спијте мирно, имате спремен здрав доручек за утре 🙂

Овесна каша со семиња

Овој рецепт е за да ги “побиеме” сите кои мислат дека овесната каша е секогаш само со благи состојки. Овесот има навистина неутрален вкус па како и да го комбинирате тој е одлична подлога.

И оваа комбинација како и речиси сите други може да се подготви однапред, а за истата треба да ги имате следните намирници:

  • 30 грама (⅓ cup) овесни снегулки
  • 1 лажичка мелено ленено семе
  • 150 мл грчки јогурт (или јогурт кој преферирате иако може да варира количината, но гледајте да не е суво)
  • 3 големи лажици потпечени семки (сусам, сончоглед, семки од тиква)
  • Зеленчук или варени јајца како прилог

Во сад или стаклена тегличка, додадете ги овесните снегулки, меленото ленено семе и јогуртот и убаво измешајте ги. Ваквата смеса ставете ја во фрижидер и утрото пред консумирање додадете ги семките кои претходно ќе ги потпечете. Дополнете со едно или две јајца и зеленчук по желба, за уште покомплетен оброк.

За семките препорачуваме да си земете поголема количина, да ги измешате заедно, потпечете ги на загреана тава кратко, додека добијат златно-кафеавкаста нијанса и откако ќе се оладат складирајте си ги во тегличка и ќе може да си ги користите за неколку оброци. Одлични се и за во салати 🙂

Овесна каша со путер од кикирики

Подготовката на овој рецепт има две варијанти, и секако ќе ги споделиме двете иако едната варијанта ние малку повеќе ја преферираме.

Ајде прво да видиме што ни е потребно.

  • 200 мл вода
  • Прстофат сол
  • 40 грама (½ cup) овесни снегулки
  • 1 голема лажица 100% природен путер од кикирики
  • 1 голема лажица мед
  • 1 голема лажица мелено ленено семе
  • ½ мало лажиче цимет
  • 1 јаболко

За оваа првата (преферирана од нас) варијанта подготовката е најдобро да ја направите непосредно пред времето за оброк, односно да ја консумирате топла.

А постапката е следна: во мал сад за готвење ставете ја водата со малку сол да зоврие. Кога ќе почне да врие, додадете ги овесните снегулки и гответе на средна температура неколку минути со повремено мешање, додека не ја добиете посакуваната кашеста структура. Добиената смеса префрлете ја во сад за јадење и додадете ги путерот од кикирики, медот, лененото семе и цимет и убаво измешајте за да се соединат.

Јаболкото исечкајте го на помали парченца и додадете го.

Како декорираме? Со путер од кикирики, се разбира, во “дозволена” количина 🙂

Другата опција е, водата да ја замените со млеко по ваша желба и сите состојки да ги измешате заедно додека убаво се соединат и така добиената каша да ја оставите во фрижидер. Утрото додадете ги само исечканите јаболка и имате здрав и вкусен оброк спремен за консумирање.

Печена овесна каша со банана и путер од кикирики

Доколку редоследот на рецептиве не беше случаен, овој веројатно би се нашол на првото место. За него го запазивме моментот дека ви требаат 5 минути за подготовка, не сметајќи го периодот за печење кој пак ќе го оправдаме со тоа што ако го складирате соодветно (читајте: го чувате во фрижидер) си обезбедувате оброк и за неколку дена.

Кои состојки да си ги набавите за подготовката?

  • 125 грама (1 ½ cups) овесни снегулки
  • 1 мало лажиче пециво
  • ½ мало лажиче сол
  • 1 мало лажиче цимет
  • 2 банани- испасирани
  • 60 грама (¼ cup) кремаст путер од кикирики
  • 1 мало лажиче ванила екстракт
  • 85 мл (¼ cup) јаворов сируп
  • 1 јајце
  • 180 мл (¾ cup) млеко (растително или тоа што го преферирате)

Загрејте ја рерната на 180 степени и премачкајте со масло тава за печење (ние користевме со димензии 23x23x5).

Во меѓувреме во сад измешајте ги овесните снегулки, пецивото, солта и циметот.

Во друг подлабок сад испасираните банани измешајте ги со путерот од кикирики и кога убаво ќе се соединат додадете им го јаворовиот сируп, ванила екстрактот и јајцето. Мешајте повторно и на крај додадете го млекото.

Во оваа смеса ги додавате и овесните снегулки со пецивото, солта и циметот и убаво соединете ги со мешање. Префрлете во претходно подготвената тава за печење и печете околку 25 минути.

Откако ќе ја испечите, пресечете ја на 9 еднакви дела (или зависно од тавата и потребите)

И послужете ја со малку путер од кикирики одозгора.

Доколку одлучите да ја чувате во фрижидер, оставете ја прво целосно да се олади пред да ја складирате.

Чоколадна овесна каша

И за крај, можеби наједноставната но не и помалку вкусна- чоколадна овесна каша.

Потребни ви се само неколку состојки.

  • 200 мл вода
  • 40 грама (½ cup) овесни снегулки
  • 3 мали лажички какао
  • 1 голема лажичка мед (или јаворов сируп, сируп од урми)
  • 30 грама мелени ореви (или лешници, бадеми)
  • Банана, кокосов чипс или било кое овошје по желба за декорација

Овесните снегулки заедно со водата ставете ги во сад за готвење и гответе на средна температура се додека не добиете густа каша. Пред целосно да зоврие водата, додадете го какаото и промешајте убаво. Тргнете го садот од оган и додадете го медот и претходно измелените јатки. Мешате се заедно, и добиената каша декорирајте ја по желба со овошје, путер или кокосов чипс.

За кој и рецепт да се одлучите да го пробате, нема да згрешите, сите се поеднакво вкусни и здрави и одлична идеја за да го започнете денот.

Ќе биде можеби грешка ако пробате а не ни споделите, затоа што навистина не радува кога сме дел од негувањето на вашите здрави навики, па обавезно праќајте ни фотографии, коментари, сугестии, и секако идеи за да пробаме нешто ново.

Shopping Cart
X